Студиски програми
Одлука за рокови за студиски програми на втор циклус
Цели на студиската програма:
- Студентите да се здобијат со продлабочени знаења за теоретските аспекти, стратегиите и практичната примена на маркетингот.
- Студентите да се здобијат со способности и вештини за продлабочена анализа и имплементација на соодветните стратегии од областа на маркетингот.
Денешното пазарно окружување се менува со интезивна динамика. Глобализацијата, новите информациони технологии, новите канали на дистрибуцијата и комуникацијата се само дел од промените со кои се менува перспективата на маркетингот. Барањата и очекувањата на потрошувачите забрзано се менуваат, како резултат на зголемениот пристап до информации врз основа на кои ги носат своите одлуки за купување. За да ги задоволат и надминат барањата на потрошувачите, компаниите треба да ангажираат профилирани кадри со веќе стекнати знаења од областа на маркетингот.
Студиската програма на втор циклус студии – Maркетинг е дизајнирана да им овозможи на студентите да ги трансформираат пазарните можности и предизвици во конкурентски предности за дадени институции.
Тоа ја потенцира важноста на студиската програма за втор циклус студии од областа на маркетингот, која нуди соодветни знаења, способности и вештини од oбласта на маркетингот кои се компатибилни со модерните пазарни предизвици. Ваквите знаења, способности и вештини се суштински за сите оние кои се вклучениво дизајнирање на нови производи, спроведување маркетинг- истражување на пазарот и аналитика на социјални медиуми, планирање и реализација на маркетинг-комуникациски активности, креирање маркетинг стратегии во институциите од приватниот и јавниот сектор. Со стекнатите знаења и вештини, студентите ќе може да придонесат во реализирање на своите професионални цели. Во оваа насока, наставниот кадар на студиската програма Маркетинг на втор циклус студии е посветен на обезбедување континуирана поддршка на барањата на запишаните студенти со цел полесно совладување на академските предизвици.
Студиската програма по Маркетинг е структурирана на начин што овозможува стекнување знаења и квалификации од пошироката област на маркетингот. По завршувањето на студиите од втор циклус по Маркетинг, студентите ќе се стекнат со знаење, вештини и компетенции кои ќе им овозможат да се ангажираат и унапредуваат во повеќе кариерни дисциплини: рекламирање и комуникации, развој на производи, дигитален маркетинг, иновации, стратегиски маркетинг, маркетинг-истражување, бренд-маркетинг итн.
Целината на знаења која ја нуди студиската програма по маркетинг ќе ги подготви студентите за успешна кариера и ќе им овозможи да се ангажираат во јавниот сектор и во приватниот деловен сектор. Со оглед на актуелноста и застапеноста на маркетингот, студентите ќе може да дадат свој придонес почнувајќи од мали и средни компании, големи корпорации и странски застапништва, банки и други финансиски институции, маркетинг агенции, агенции за истражување на пазарот и сл. Со нивната стручна подготвеност од областа на маркетингот, профилираните студенти ќе може да дадат свој придонес и во високо-образовните и научно-истражувачките институции.
Според кадровската профилираност, магистрантите од оваа студиска програма ќе стекнат способности и квалификации за: креирање на стратегија за настап на пазарот, развој на иновативни иницијативи и нови производи, примена на квалитативни и квантитативни методи за маркетинг-истражување, презентирање и интерпретирање на резултатите обезбедени од маркетинг истражувањето, планирање на маркетинг-комуникациските активности, интерпретирање на резултатите обезбедени од анализата на податоците од социјалните медиуми, развивање на маркетинг-стратегија односно дигитална маркетинг-стратегија, анализа на меѓународното окружување, развој на ефективни политики на цени итн.